НА МИТИНЗИТЕ НА ТРАМП СЕ ПУШТААТ МОЌНИ РОК КЛАСИЦИ, БАЈДЕН ПРОМОВИРА ЕДИНСТВО И ПОЗИТИВА ПРЕКУ СВОИТЕ МУЗИЧКИ ЛИСТИ

Вашингтон, (Би-Би-Си)

Кога имал седум години, Доналд Трамп го удрил својот учител по музичко, зашто, како што напиша во една своја книга, тој не знаел ништо за музиката.

Трамп е голем фан на „Ролинг стоунс“, Еминем и Елтон Џон, но најомилена песна му е „Is That All There Is?“ од Пеги Ли, нихилистичка балада која вели дека животот е серија на бесмислени разочарувања.

Тоа е одлична песна затоа што по секој огромен успех во животот одам на следниот и си велам ‘Зарем е тоа сѐ‘“, изјави Трамп своевремено.

Од друга страна, неговиот противник на претседателските избори Џо Бајден најмногу го сака ирскиот фолк бенд „Чифтеинс“. 

Музичката листа на митинзите на Трамп најмногу се базира на класичните рок песни во кои се зборува за моќ и самодоверба, како „We Are The Champions“ од „Квин“, „The Best“ од Тина Тарнер и „Eye Of The Tiger“ од „Срвајвр“. Песните најчесто имаат за цел да ја кренат атмосферата во публиката пред говорите на Трамп и понекогаш се пуштаат со часови откако тој ќе ја напушти сцената.

Во кампањата на Трамп можеа да се слушнат и Лучано Павароти, „Ар-И-Ем“, Лора Браниган, Џејмс Браун и „Вилиџ пипл“.

Музичката подлога на Бајден е речиси еднакво поделена на бели и црномурести музичари и тоа најчесто се песни кои промовираат единство, хармонија и стабилност или имаат позитивен призвук. Тој најчесто ја напушта сцената со звуците на „We Take Care Of Our Own“ од Брус Спрингстин, а на репертоарот му биле и Дејвид Боуви, Дајана Рос, Леди Гага, Стиви Вондер и Бил Видерс.

И додека „Вилиџ пипл“ немаа проблем со тоа што Трамп ја пушта нивната музика, тој не доби поддршка од актуелните големи поп ѕвезди, па Тејлор Свифт, Карди Би и Лизо јавно се изјаснија дека се за Бајден.