СЕДУМГОДИШЕН ИТАЛИЈАНЕЦ СО ПОПРЕЧЕНОСТ ИНСПИРИРА НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ СО СВОИТЕ ПАЛАВОСТИ

Рим, (Ројтерс)

Сирио Перискети не може да зборува, ниту самостојно да се храни, но ова седумгодишно момче е хит на социјалните мрежи со неговите секојдневни палавости, докажувајќи дека попреченоста не треба да биде пречка за да се инспирираат други.

Сирио има спастична квадриплегија, тип на церебрална парализа, кај која се зафатени сите четири екстремитети. Устата му е постојано отворена и не може убаво да говори и да голта, па јаде течна храна преку цевка во стомакот. Сирио со неговата состојба се носи со толкави живост и страст кон животот, што ја поттикна неговата мајка Валентина да отвори веб-страница и профили на Фејсбук, Инстаграм и Твитер за да го претставува неговиот секојдневен живот. Таа често објавува видеа со забавни анегдоти кои пренесуваат топли пораки.

(Фото: Ројтерс)

„Сакавме да ја пренесеме приказната за попреченоста на поинаков начин, да кажеме каква е, дека не е нешто лесно за соочување, но ако правилно се насочи и со вистинска помош ќе им овозможи на децата да уживаат во нешто што може да се нарече живот“, вели Валентина.

Одзивот од јавноста е голем и некои од видеата имаат над 130.000 прегледи.