ЕГИПЕТ ОТКРИ УШТЕ 100 САРКОФАЗИ ЗАКОПАНИ ПРЕД 2.500 ГОДИНИ

Каиро, (АП)

Најмалку 100 саркофази и 40 позлатени статуи се пронајдени во огромна фараонска некропола јужно од Каиро, објавија властите. Дел од шарените саркофази, кои биле закопани пред повеќе од 2.500 години, сѐ уште содржеле замотани мумии.

Откритијата датираат од времето на Птоломејската династија, која владеела со Египет од 320 до 30 година пред нашата ера, како и од Доцниот период, меѓу 664 и 332 година пред нашата ера.

Саркофазите беа изложени пред скалестата Џосерова пирамида во Сакара, по што ќе бидат префрлени во трите музеи во Каиро, вклучувајќи го и новиот Голем египетски музеј, изграден во близина на пирамидите во Гиза.

Ова е последното во серијата археолошки откритија во Египет. Од септември се пронајдени најмалку 140 запечатени саркофази, сите во областа на Сакара и властите кажаа дека до крајот на годината ќе објават уште едно големо откритие.