БАЈДЕН НАПОЛНИ 78 ГОДИНИ – ВЕЖБА ПЕТ ПАТИ НЕДЕЛНО И ВЕТИ ДЕКА ЌЕ БИДЕ ОТВОРЕН ЗА СВОЕТО ЗДРАВЈЕ

Вашингтон, (АП)

Џо Бајден денеска полни 78 години, а за точно два месеца ќе ја преземе власта во силно поделената земја, која се наоѓа среде најголемата здравствена криза во поновата историја и висока невработеност. Паралелно со борбата со овие проблеми, тој ќе мора да им покажува на Американците дека возраста е само бројка и дека е спремен за функцијата.

Бајден во јануари ќе биде устоличен како најстариот претседател во историјата на САД, што досега беше Роналд Реган, кој имаше 77 години и 349 дена кога ја напушти Белата куќа во 1989 година.

„За Бајден и неговиот тим ќе биде клучно веднаш да ја покажат неговата острина, што не секогаш му била силна страна. Тој мора да го убеди американскиот народ дека е физички и психички спремен за работа“, вели политикологот Рос Бејкер.

Во едно претходно интервју, Бајден вети дека ќе биде целосно транспарентен околу сите аспекти на своето здравје, додека неговата кампања често истакнуваше дека тој не е типичен седумдесетгодишник.

Неговиот личен лекар Кевин О‘Конор го опишува Бајден како здрав, енергичен и спремен да ги извршува сите највисоки државни задолженија.

„Тој вежба пет пати неделно“, кажа О‘Конор.