ТАТЈАНА РАНТАША СЕ ПРЕТСТАВУВА СО ЏЕЗ ФОТОГРАФИИ ВО БЕЛГРАДСКИОТ ДОМ НА МЛАДИ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Триесет и пет црно-бели фотографии од македонската фотографка Татјана Ранташа на 24 ноември ќе бидат изложени во главниот хол во Домот на младите во Белград. Изложбата е насловена „Џезтетика“, а ја организира здружението „Номад-Арт Скопје“. Таа се состои од фотографии од различни генерации македонски музичари, на кои Ранташа работела во изминатите 15 години.

Ќе се изложат фотографии од музичарите Влатко Стефановски, Џијан Емин, Гоце Стевковски, Џоле Максимовски, Георги Шаревски, Кирил Кузманов, Тони Китановски, Гордан Спасовски, Мартин Ѓаконовски, Сашо Поповски, „Сетстет“, Бодан Арсовски, Кокан Димушевски и други. Во рамките на изложбата свој настап ќе има и „Гоце Стевковски квинтет“.

„Фотографијата за мене значи живот, радост, целосно исполнување на нештото кое се случило, запис за визуелно паметење што останува да живее како слика, дури и ако не ја погледнам никогаш повторно. Всушност, ако не сум го фотографирала нештото, тоа како да не се случило. Помислата да се биде на концерт, претстава, планина или патување без фотоапарат е како да треба левата рака да ја оставам дома“, вели Ранташа.