МОНОДРАМАТА „ИСМЕНА“ ВЕЧЕРВА ПРЕМИЕРНО ВО ВЕЛЕШКИ ТЕАТАР

Велес, (СМАРТ СДК.МК)

Вечерва од 19 часот, велешкиот Народен театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе ја изведе монодрамата „Исмена“ од Катерина Момева, во режија на Елеонора Теова. Монодрамата е во изведба на актерката Моника Ставревска, музиката во живо ја исполнува Сашко Костов. Дизајнот на плакатот и промотивниот материјал е на Филип Коруновски. Праизведбата на монодрамата се игра на сцената „Петре Прличко“.

Авторите кажаа дека во претставата се зборува за потеклото и немоќта да се избега од сопствениот корен, за потребата да се одговорат егзистенцијални прашања преку соочување со минатото и непознатото во него, кое има лик на стапица за заробување на душата.

Ова е трета годинешна премиера во Велешки театар: првата беше во јануари на „Сестрите Прозорови“, па во февруари се изведе претставата „Сара“.

П. ПЕЧКОВ