РИМСКИ ПАНТЕОН – НАЈСТАРАТА ЗГРАДА НА СВЕТОТ КОЈА СЀ УШТЕ Е ВО УПОТРЕБА

Рим, (Си-Ен-Ен)

Кога посетителите ќе влезат во римски Пантеон и ќе се соочат со неговата колосална купола, тие може да ја почувствуваат истата театралност како гостите пред речиси 2.000 години.

Секој што ќе влезе во Пантеон веднаш ја чувствува уништувачката тежина на човечката историја, но и неверојатната леснотија на човечката креативност. Влегувате во тој голем простор, погледнувате нагоре и си мислите: ‘Како успеале да го направат ова пред речиси два милениума?‘“, вели Џон Охсендорф, професор по архитектура на Технолошкиот институт на Масачусетс.

(Фото: Гети)

Католичка црква од 7. век, Пантеон е најстарата зграда на светот која сѐ уште е во употреба. Изграден од римскиот цар Адријан околу 125 година, ова, всушност, е третата верзија на објектот, откако првата од 80 година изгорела во пожар, а втората од 110 година се урнала по удар на гром. Внатрешноста е покриена со купола, која денес е најголемата неподдржана купола на светот.

Пантеон значи „сите богови“ и неговата оригинална намена не е позната.

За него има оскудни споменувања во древните текстови. Иако би можел да биде храм, древните римски градби вообичаено биле повеќенаменски. Затоа е тешко да се каже што, всушност, се случувало внатре, но неговата импозантност сугерира моќ“, вели историчарката по архитектура Лин Ланкастер.

Окото на куполата е единствениот извор на природна светлина во внатрешноста (Фото: АП)

Пантеон е архитектонско чудо на Римското Царство. Десет метри широкото око на врвот на куполата ја отвора структурата кон рајот и е единствен извор на природна светлина во внатрешноста. Се верува дека нејзината стабилност била постигната така што постепено бил користен сѐ полесен и полесен камен во бетонската мешавина додека го достигнува врвот.

Пантеон е едно од ретките места на светот од каде што навистина може да се види како Земјата се врти“, додава Ланкастер.