МИСТЕРИОЗЕН МЕТАЛЕН МОНОЛИТ ОТКРИЕН ВО ПУСТИНАТА ВО ЈУТА ГИ ОСТАВИ ВЛАСТИТЕ ЗАЧУДЕНИ

Солт Лејк Сити, (Би-Би-Си)

Мистериозен метален монолит е откриен среде пустината во Јута, оставајќи ги локалните власти зачудени, но и пошироката јавност.

Сместен во зафрлена североисточна област на оваа американска сојузна држава, тој првпат бил забележан од хеликоптер од екипа која броела овци. Монолитот висок 3,6 метри е поставен во почвата меѓу црвени карпи и нема назнаки за што станува збор.

„Тоа е најчудната работа на која сум налетал во моето долгогодишно пилотско искуство“, изјави Брет Хачингс.

Тој претпоставува дека монолитот е инсталиран од некој уметник, можеби љубител на филмот „2001: Вселенска одисеја“. Одделот за јавна безбедност на Јута соопшти дека ќе истражи за што станува збор.

„Нелегално е неовластено да се поставуваат структури и уметнички инсталации на федерално земјиште, без разлика од која планета сте“, кажаа од одделот, кој не ја соопшти точната локација на монолитот од страв да не почне да привлекува луѓе на терен кој е многу тежок.