СО 62 МИЛИОНИ ПРЕГЛЕДИ ЗА ЕДЕН МЕСЕЦ, „ДАМСКИ ГАМБИТ“ Е НАЈГЛЕДАНАТА МИНИСЕРИЈА НА „НЕТФЛИКС“

Њујорк, (ДПА)

Стриминг гигантот „Нетфликс“ објави дека „Дамски гамбит“ станала негова најуспешна минисерија досега.

Шаховската драма од седум епизоди има рекордни 62 милиони прегледи во првите 28 дена од премиерата. Таа доби високи оценки на сајтовите и е најстримувана серија во 63 земји откако излезе во октомври.

„Дамски гамбит“ е адаптација на истоимениот роман на Волтер Тевис од 1983 година. Сместена во 1960-ите, серијата ја следи приказната на измислениот лик Бет Хармон (Ања Тејлор-Џој), чудо од дете кое станува голема ѕвезда во шаховскиот свет, во кој доминираат мажи. Гари Каспаров, еден од најголемите шахисти на сите времиња, работеше како советник на серијата за да се обезбеди автентичност.