Диего Армандо Марадона за Аргентинците е повеќе од фудбалер. Тој за нив е божество.
Еден од најголемите фудбалери на сите времиња, чиј талент се граничеше со натприродното, почина денеска на 60 години од срцев удар. Човекот кој го инспирираше триумфот на Аргентина на Светското првенство 1986 во Мексико го искористи својот несекојдневен фудбалски гениј за да избега од сиромашното детство и да стане суперѕвезда, дури и поголема од Пеле, сметаат многумина.
Висок само 1,65 метри, Марадона не изгледаше како типичен спортист, но своите физички недостатоци ги надоместуваше со неверојатните вештини, визија, агилност, контрола на топката, дриблинг и преглед на играта, а креативноста, желбата и силата со кои ја одведе Аргентина до втората светска титула беа нешто невидено дотогаш. Сето тоа надополнето со „Божјата рака“ на мечот со Англија.
Освен во Аргентина, Марадона е обожуван и во Неапол, каде што помина седум години и освои две шампионски титули, но тука почнаа неговите проблеми со дрога, а приватниот живот му излезе од контрола. Двете долги суспензии и срамното исфрлување од Мундијалот во САД во 1994 година водеа кон тажен крај на една од најлегендарните фудбалски кариери. Во еден момент имаше 128 килограми и преживеа срцев удар во 2004 година, а засолниште од зависности побара во Куба, кај својот голем пријател Фидел Кастро.
Марадона имаше сѐ само не обичен живот.
„Никогаш не се покајав за моите постапки. Секогаш сум мислел дека животот треба да се живее до максимум“, кажа Марадона своевремено.