Последниот пат кога „Хајабуса-2“ беше виден со човечко око, Барак Обама беше претседател на САД, а брегзит беше далечна фантазија на дел од Британците.
Шест години и три дена од почетокот на историската мисија, јапонското летало утре ќе испушти капсула во зафрлен дел на Австралија, носејќи драгоцени парчиња астероид, кои, како што веруваат научниците, ќе фрлат нова светлина врз создавањето на Сончевиот Систем и потеклото на животот. Во тој момент, леталото ќе го комплетира патувањето долго шест милијарди километри, што вклучи и две кратки застанувања на астероидот кој се движеше со огромна брзина. Според Јапонската вселенска агенција, леталото ќе ја испушти капсулата од 220.000 километри височина.
Мисијата вредна 215 милиони фунти почна во декември 2014, кога „Хајабуса-2“ беше лансиран од вселенскиот центар Танегашима во југозападна Јапонија. Леталото првпат се спушти на 4,6 милијарди години стариот астероид Рјугу во февруари минатата година, во моментите кога тој беше оддалечен 300 милиони километри од Земјата. Второто спуштање се случи пет месеци подоцна, кога биле собрани честички од неговата внатрешност.
Јапонските научници веруваат дека собраните честички содржат јаглерод и органска материја кои се во истата состојба како од времето на формирањето на Сончевиот Систем.
„Се надеваме дека ќе откриеме траги за потеклото на животот на Земјата“, изјави Макото Јошикава, менаџер на проектот.