НА ЗЕМЈАТА ПРИСТИГНАА ПОДАТОЦИ ОД ПРЕД 4,6 МИЛИЈАРДИ ГОДИНИ КОИ БИ МОЖЕЛЕ ДА ГО ОБЈАСНАТ ПОТЕКЛОТО НА СОНЧЕВИОТ СИСТЕМ

Токио, (АП)

Мала капсула од јапонското вселенско летало „Хајабуса-2“ успешно се приземји вчера во австралиска дивина, носејќи екстремно драгоцен товар од вселената, кој утре ќе биде префрлен во Јапонија. Менаџерот на проектот Макото Јошикава од Јапонската вселенска агенција ја опиша капсулата како кутија со благо.

Лансирано на 3 декември 2014, леталото „Хајабуса-2“ двапати слета на површината на астероидот Рјугу, во тој момент оддалечен 300 милиони километри од Земјата и притоа собра примероци и од површината и од неговата внатрешност.

Астероидите се некои од најстарите објекти во Сончевиот Систем и затоа може да дадат сознанија за настанувањето на Земјата. Научниците веруваат дека примероците што ги собра „Хајабуса-2“, особено оние од внатрешноста на астероидот, содржат податоци од пред 4,6 милијарди години, недопрени од вселенската радијација и други околни фактори. Капсулата со дијаметар од 40 сантиметри содржи честички собрани од две различни места на астероидот, а во камењата би можело да има и гасови. Научниците се особено заинтересирани да ги проучат органските материјали од примероците.

„Анализата на примероците би можела да помогне да се објасни потеклото на Сончевиот Систем и како водата помогнала да се обликува животот на Земјата. Само 0,1 грам од примероците е доволен за да се спроведе планираното истражување“, вели Јошикава.

Тој додаде дека 40% од собраниот материјал ќе бидат складирани за идни истражувања.

„Хајабуса-2“ во меѓувреме беше испратен во мисија кон друг, помал астероид, за што ќе му требаат 11 години во еден правец.