Сара Климоска, една од ѕвездите на последниот филм на Милчо Манчевски „Врба“, е дел од актерската постава на нов австралиски хорор, чие дејство е сместено во Македонија.
Режисер и сценарист на „You Won’t Be Alone“ е австралиско-македонскиот филмаџија Горан Столевски, за кого ова е прв долгометражен игран филм. Тој пред две години освои награда за најдобар меѓународен краток филм на фестивалот Санденс за „Would You Look At Her“.
Дејството на филмот се случува во изолирано планинско село во Македонија во 19. век и следи млада вештерка која е оставена сама во шума. Љубопитна како е да се живее како човек, таа случајно убива селанец и го зема неговиот облик. Вештерката ја играат повеќе актерки, а во филмот се зборува и на стар македонски дијалект. Според сајтот „Дедлајн“, во филмот глуми и шведската актерка Номи Рапас, која се прослави со „Девојката со тетоважа на змеј“.
„You Won’t Be Alone“, сепак, не се снимаше во Македонија, туку во Србија.