Стотици имигранти во Франција кои беа ангажирани во борбата против коронавирусот ќе бидат наградени со државјанство.
Министерството за внатрешни работи ги покани овие лица да аплицираат за добивање државјанство. Повеќе од 700 веќе се доделени или постапката е во завршна фаза. Тоа, меѓу другото, вклучува медицински лица, чистачи и вработени во продавници.
Франција е меѓу десетте најпогодени држави од пандемијата на коронавирусот, со над 2,5 милиони потврдени случаи на зараза и речиси 62.000 починати.
Иницијативата за забрзано давање државјанства првпат беше најавена во септември и на 74 лица веќе им е доделен француски пасош. Досега се пријавиле речиси 2.900 имигранти.
„Медицински лица, чистачки, касиерки…, сите тие ја покажаа својата посветеност кон нацијата и сега е ред државата да им излезе во пресрет“, соопшти министерството за државјанства.
Во 2017 година, Франција имаше популација од 6,4 милиони имигранти. Вообичаено, за успешно аплицирање за државјанство потребни се пет години жителство, доказ за интегрирање во француското општество и стабилни приходи.