МОРСКИТЕ ПЕЈЗАЖИ НА ТАНЕВСКИ ПРЕТСТАВЕНИ НА ИЗЛОЖБАТА „МАРИНИ“ ВО ВЕЛЕС

Велес, (САКАМДАКАЖАМ.МК)

Во Ликовниот салон во Велес се отвори изложбата на дела „Марини“ на авторот Ацо Таневски од Скопје. Тој пред велешката јавност се претставува со 30-тина дела, пејзажи масло на платно, изработени од 2002 до 2012.

„На моите дела се прикажани марини, од морето, езерото. Тоа беше моја преокупација 15-тина години. Делата се продукт на мојата филозофија дека човекот е напасник на планетата и природата. Ја уништуваме природата, околината, а со тоа и морските површини. Затоа на моите дела отсуствува човекот, туку е дадена самата природа, која е недопрена“ , кажа Таневски.

„Живеејќи во време на глобално загадување на животната средина и драстично намалување на чистите еко-системи за преживување на животинските и растителни видови, егзотично изгледа сликан пејзаж и необично звучи класичен ликовен пристап и приказ на недопрена природа. Водата како извор на праживот во различна форма, морски брегови, езера и реки, слатка и солена вода) е главен мотив на сите дела. На сликите е забележливо отсуството на човекот, и предмети направени од човечка рака“,  рече промоторката Елица Николова, историчарка на уметноста при Народен музеј Велес.

Таневски има завршено Средно уметничко училиште и Факултет за ликовни уметности во Скопје, педагошки отсек со сликарство, вработен како едукатор во Национална галерија на Македонија. Освен со ликовна, се занимава и со театарска и книжевна уметност.

П. ПЕЧКОВ