Феликс Бек бил докторанд на канадскиот Универзитет на Британска Колумбија кога почнал да им дава нов живот на искористените стапчиња за јадење.
Не можејќи да ја поднесе секојдневната практика тие на големо да се фрлаат по само една употреба, Бек ја основал стартап компанијата „ЧопВелју“ (ChopValue) со една единствена цел: да рециклира стапчиња за јадење, кои најчесто се прават од бамбус и од нив да прави нови корисни предмети.
„Се обидувам да ги убедам луѓето дека не постои нешто такво како отпад“, вели Бек, кој материјалот за работа прво го наоѓал во многубројните ресторани во Ванкувер.
Четири години подоцна, Бек има рециклирано повеќе од 32 милиони стапчиња и отвори 40 работни места.
„Овие стапчиња имаат патувано речиси 10.000 километри за да се најдат на вашата маса, за потоа да се фрлат по само 20-30 минути. Не можете да се чувствувате добро после тоа“, вели Бек.
Неговата компанија ја прошири работата низ цела Северна Америка, собирајќи стапчиња од САД и Канада, од илјадници ресторани, како и од трговски центри, аеродроми и универзитети. Само од Ванкувер, во „ЧопВелју“ доаѓаат 350.000 искористени стапчиња неделно. Моментално, производите на компанијата се продаваат на нејзиниот сајт, вклучувајќи работно биро во кое се вградени 9.600 стапчиња и кујнска даска од 886 стапчиња.