ЕВРОВИЗИЈА ЌЕ КОРИСТИ ПРЕТХОДНО СНИМЕНИ НАСТАПИ АКО ИЗВЕДУВАЧОТ НЕ МОЖЕ ДА ДОЈДЕ ВО РОТЕРДАМ

Ротердам, (Би-Би-Си)

Организаторите на Евровизија потврдија дека музичкото шоу дефинитивно ќе се одржи годинава. Но, доколку изведувачот не може да допатува во Ротердам или мора да оди во изолација кога ќе пристигне, ќе се користат претходно снимени настапи.

Шеесет и петтата Евровизија требаше да се одржи лани од 12 до 16 мај во Ротердам, но беше откажана поради пандемијата на ковид-19. Македонски претставник требаше да биде Васил Гарванлиев со песната „Ти“.

Телевизиите ќе мора да се придржуваат до строго определен водич за тоа како ќе се снимаат тие настапи, „со цел да се задржи фер натпреварување“.

„Изведбата ќе мора да се сними во живо, без да се коригираат вокалите или кој било дел од настапот после снимањето“, гласи новото правило.

Евровизија е закажана за 22 мај. Песните што требаше да се изведат лани отпаѓаат, но голем број држави потврдија дека ќе го испратат истиот изведувач.