ДЕНИ БОЈЛ ЌЕ СНИМА СЕРИЈА ЗА „СЕКС ПИСТОЛС“

Лондон, (Би-Би-Си)

Оскаровецот Дени Бојл ќе режира ТВ-серија за легендарната панк група „Секс пистолс“. Заснована врз мемоарите на гитаристот Стив Џонс, Енсон Бун („1917“) ќе го глуми фронтменот Џон Лидон, а Луис Партриџ („Енола Холмс“) ќе биде покојниот басист Сид Вишс.

Ѕвездата на „Игра на тронови“, Мејзи Вилијамс, ја доби улогата на Памела Рук, една од личностите заслужни за креирањето на панк изгледот. Снимањето на серијата од шест епизоди ќе почне во март.

„Секс пистолс“ издаде само еден албум во краткото постоење, но со своите гневни песни и агресивни настапи ја промени идејата за тоа како треба да изгледа рокенрол. Групата се растури во 1978 година додека беше на американска турнеја, останувајќи една од највлијателните појави во современата музика.