ВО ИНДОНЕЗИЈА ОТКРИЕН НАЈСТАРИОТ ПЕШТЕРСКИ ЦРТЕЖ НА ЖИВОТНО, НАПРАВЕН ПРЕД 45.500 ГОДИНИ

Џакарта, (Би-Би-Си)

Археолозите го пронајдоа најстариот пештерски цртеж на животно, за кој се верува дека е стар околу 45.500 години. Цртежот на дива свиња во природна големина е откриен во пештера во зафрлено село на индонезискиот остров Сулавеси и се чини дека е дел од раскажувачка сцена. Тој го дава и најраниот доказ за постоењето на човечко живеалиште во регионот.

Во областа има уште многу пештери кои допрва треба да се истражат

„Луѓето кои ја нацртале сликата биле целосно модерни, исто како ние сега. Тие ги имале сите алатки и капацитети да направат цртеж каков што сакаат“, вели Максим Обер, коавтор на извештајот објавен во магазинот „Science Advances“.

Цртежот бил откриен во 2017 година и неговата старост е утврдена со помош на метод кој користи изотопи на ураниум.

„Сликата би можела да биде уште постара, бидејќи при мерењето предвид беше земен само калцитот што се создал на нејзиниот врв“, вели Обер.