АКТЕРКИТЕ ЌЕ НОСАТ ЦРНО НА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ КАКО ПРОТЕСТ ПРОТИВ СЕКСУАЛНОТО ВОЗНЕМИРУВАЊЕ

Лос Анџелес, (Харперс базар)

Една од главните теми во 2017 година, сексуално вознемирување, ќе биде потенцирана и на претстојното доделување на филмските награди Златен глобус, откако сите женски учесници се согласиле да носат црно, во знак на протест против оваа раширена појава во Холивуд.

Идејата потекнала од мала група актерки, кои се договориле сите да бидат облечени во иста боја во знак на солидарност со жртвите на сексуалното вознемирување и насилство, но, во меѓувреме, таа била прифатена и од други учесници.

„Ова движење се шири со голема брзина и речиси сите номинирани актерки и други учесници ќе учествуваат во идејата. Сите стилисти кои ги подготвуваат учесниците веќе ги менуваат оригиналните модели, што требаше да ги носат нивните клиенти на церемонијата“, изјави еден извор за магазинот „Ју-Ес викли“.

Сѐ уште е непознато кој сѐ ќе земе учество во тивкиот протест, но меѓу номинираните и презентерите се голем број имиња од А-листата, како Мерил Стрип, Џесика Честејн, Хелен Мирен, Ема Стоун, Никол Кидман, Риз Видерспун и други.

Ова не е единствениот ваков протест што ќе ја следи годинашнава сезона на филмски награди. Денеска беше одлучено сите презентери на доделувањето на наградите САГ да бидат жени.

Златните глобуси ќе се доделат на 7 јануари.