Македонскиот потпоручник Милош Трендевски доби „Интернационален меч на честа“ од Принцот Хари како најдобар студент во интернационалната класа на Кралската воена академија „Сендхрст“ во Велика Британија. На церемонијата по неговото дипломирање на академијата присуствуваа министерката за одбрана Радмила Шекеринска и британскиот амбасадор во Скопје Чарлс Герет.

„Јас, потпоручник Треневски Милош ја добив наградата за најдобар интернационален студент на Кралската воена Академија „Сендхрст“. Чест ми е и задоволство што ја претставував Армијата на Република Македонија. Министерството за одбрана и Република Македонија. Ова е голем успех за државата, при што може да се каже дека Армијата на Република Македонија има високо квалитетен кадар, пред сè офицерски, кој што покажува дека и на меѓународно ниво може да биде најдобар, покрај голем број на странски земји“, рече Трендевски.

Министерката Шекеринска кажа дека неговиот избор за најдобар студент покажува дека кога сме спремни да се вложиме ваквите големи резултати се возможни.

„Голема е честа за Министерството за одбрана и за Република Македонија да го добиеме ваквото признание за наш припадник, меѓутоа ова покажува дека мора да продолжиме да вложуваме во нашиот офицерски кадар и Армијата, и целосно да ја искористите големата поддршка што ни ја дава Велика Британија и на тема образование и обука во одбраната“, кажа Шекеринска.