АКТЕРКАТА БЕТИ ВАЈТ ПОЛНИ 99 ГОДИНИ, ПА ВЕЛИ МОЖЕ ДА ОСТАНЕ БУДНА ДО КОГА САКА

Лос Анџелес, (АП)

Легендарната американска актерка Бети Вајт денеска полни 99 години и, како и многумина во последно време, ќе го прослави во карантин.

„Бидејќи полнам 99 години, можам да останам будна до кога сакам без да барам дозвола за тоа“, вели Вајт во свој вицкаст стил.

Меѓу скромните роденденски планови, таа ќе ги нахрани патките кои редовно го посетуваат нејзиниот дом во Лос Анџелес, а ќе се почести со хот дог и помфрит, што, заедно со голем букет рози, ќе ѝ ги донесе долгогодишниот пријател и менаџер Џеф Витјас.

Нејзините телевизиски улоги се протегаат од 1949 до 2019 година, а најголема популарност ѝ донесе серијата „Златни девојки“.

„Што ќе правам за роденденот? Трчањето една милја секое утро е редуцирано поради коронавирусот, па ќе ги хранам двете патки кои секој ден ме посетуваат“, вели Вајт.

Омилената комичарка смета дека еден од факторите за долг живот е да се има смисла за хумор.

„Треба да се гледа на позитивната страна. Да се биде негативен одзема премногу енергија. Исто така, тоа што имам добар менаџер ме одржува постојано зафатена“, изјави Вајт за магазинот „Пипл“.