РАКАВИЦИТЕ НА БЕРНИ САНДЕРС СТАНАА ХИТ ПО ИНАУГУРАЦИЈАТА НА БАЈДЕН

Вашингтон, (Гардијан)

Инаугурацијата на нов претседател на САД е еден од оние настани на кој присутните внимаваат на својот изглед. Освен ако не сте Берни Сандерс.

Несудениот кандидат на Демократите за претседател едноставно дојде топло облечен, а моден детаљ кој привлече најголем интерес беа ракавиците. Учителката од Вермонт која ги плете и која му подарила еден пар на Сандерс вели дека нема ништо за продавање.

„Немам ракавици за продавање, во последно време не ги ни правам често. Побарувачката е огромна, кога и да го отворам мејлот, имам стотина нови пораки. Јас сум учителка во второ одделение и мајка, така што немам многу слободно време“, изјави 42-годишната Џен Елис.

Сандерс покрена нова серија мемиња по вчерашната инаугурација на Џо Бајден, но тој имаше едноставно појаснување за својот имиџ.

„Ние во Вермонт се облекуваме топло. Знаеме нешто за студот и не водиме многу сметка за модата“, кажа Сандерс.