Место да се играат со коцки, десетици швајцарски деца од предшколска возраст уфрлуваат ливчиња во гласачка кутија.
Тие се дел од проектот на три приватни градинки во Лозана кој има за цел да ги подготви децата за учество во прославената директна демократија на Швајцарија, која вклучува референдуми за најразлични прашања на секои неколку месеци.
„Идејата е децата да учат за демократија. Сметаме дека е важно вистинските рефлекси да се научат од рана возраст“, вели Оливје Деламаделен, шефот на групата „Едукалис“, која раководи со градинките.
Овој проект се разликува од други слични во Швајцарија по тоа што за учесници има мали деца. Еднаш неделно, 35 деца на три и четиригодишна возраст се собираат во „селото“ на групата во шумска област во предградието на Лозана. Децата притоа играат и различни улоги, како шеф на селото, медицински сестри и полицајци и Деламаделен вели дека ги сфаќаат многу сериозно. Тие го поминуваат времето надвор, без разлика на временските прилики.
На гласањата избираат помеѓу едноставни работи, како два различни дизајни, но добиваат избирачки материјал идентичен на оној со кој гласаат возрасните.
„Идејата е на децата да им се покаже како гласањето може да влијае врз нивните секојдневни животи и како тие притоа можат да станат важни играчи“, вели воспитувачката Ив Л‘Еплатение.