Уметницата Гордана Винчиќ, една од „Д’Винчиќ систерс“, се претставува со 12 дела од циклусот „Чуварки на љубовта“ во скопското „Кафе Ли“.
Делата на Винчиќ, која живее во Шведска, според критичарите се мистични, носталгични и имаат надреална симболика. Преку своите дела, таа сака да ги спои уметноста и личниот развој и кај набљудувачот да предизвика размисли за митологијата, мистиката на животот и симболиката, со цел да се достигне повисоко ниво на свест.
Таа преку ликовите на убави девојки потсетува дека љубовта е нешто очекувано и нормално. Преку рибите, како симбол на човековата потсвест, упатува да работиме на себеси и да се бориме за вистинските вредности.
„Љубовта како чист ентитет и искрено чувство не може да постои во свет кој е полн со манипулации и неискреност, а чистите води, кои имаат моќ да отстрануваат негативни енергии и да ги лекуваат нашите рани, укажуваат на секогаш присутната шанса за нов почеток“, вели таа.
К. СЕЛАМОВСКА