Најпопуларниот рок бенд од Босна и Херцеговина, „Дубиоза колектив“, познат по своите еклектичен музички стил и политички текстови, има нов член кој пее и свири на инструменти – хуманоиден робот Роби Мегабајт.

Студентите од Eлектротехничкиот факултет во Сараево се согласија да го изградат Роби откако бендот побара робот кој ќе одговара на концептот на неговиот нов албум, кој беше објавен минатата година под името #fakenews. За Роби, тие користеа рециклирани материјали, вклучувајќи раткапни од „голф 2“ и тркала од колички за бебиња. Потребни им беа околу две години да го завршат проектот.

Студентите го направија Роби од рециклирани материјали (Фото: Ројтерс)

„Нашиот робот сака да јаде, пие, да вика, сака музика“, рече Ведран Мујагиќ, басистот на групата.

Во видеоклипот за албумот #fakenews, еден член на бендот смета дека би било забавно робот да ја заврши неговата работа додека тој се релаксира и забавува, па нарачува еден и го составува. Во спотот, целиот бенд постепено се заменува со роботи, дозволувајќи им на членовите на бендот да одат и да се забавуваат. Но, роботите се смеат последни. Се заклучуваат во нивното студио и танцуваат и пијат со девојки додека тие гледаат однадвор.

„Пораката е иронична. Таа е наменета за злобната вештачка интелигенција што им ги одзема работните места на добрите луѓе“, вели Мујагиќ.

Роби досега учествуваше на неколку онлајн свирки на бендот наречени „Карантин шоу“.