81-ГОДИШЕН ШПАНЕЦ ВО ОБИД ДА СТАНЕ НАЈСТАРИОТ ЧОВЕК КОЈ ГИ ИСКАЧИЛ 14-ТЕ НАЈВИСОКИ ВРВОВИ НА СВЕТОТ

Мадрид, (Би-Би-Си)

Кога Карлос Сорија излегува од дома за да тренира на планините во околината на Мадрид, носењето заштитна маска му ги враќа спомените на Хималаи.

„Тешко е да се дише, па ме потсетува на големи надморски височини“, вели 81-годишниот Сорија.

Тој оваа пролет планира повторно да го искуси реткиот воздух на Хималаи, како што ќе се обиде да стане најстариот човек кој ги искачил 14-те највисоки врвови на светот, сите над 8.000 метри. Прво планира да ја искачи планината Даулагири во Непал, а наесен и Шишапангма во Тибет, со што ќе го комплетира подвигот.

Сорија планинари цел живот, но рекордите што ги постигна во изминатите две децении го направија посебен. Пред да наполни 60 години, тој имаше искачено 11 од 14-те највисоки врвови, а на 62 години беше на врвот на Монт Еверест.

„Она на што сум најгорд е што никогаш не сум претрпел сериозна смрзнатина и никогаш не морале да ме спасуваат. Секогаш сум се качувал и спуштал на моите две нозе“, изјави Сорија.

Тој порачува дека годините не треба да бидат пречка за остварување цели во животот.

„Има стари луѓе кои мислат дека играта е завршена за нив. Кога сум на Хималаи, јас воопшто не се чувствувам така. И осмата и деветтата деценија се прекрасна возраст“.