Археолозите успеале да добијат речиси совршени ноти од музички инструмент стар повеќе од 17.000 години. Станува збор за школка што била пронајдена во пештера на древни ловци-собирачи во јужна Франција.
Артефактот е најстариот познат ветерен инструмент од овој тип, а подолга историја имаат само коскени флејти. Неговото значење лежи во ознаките во вид на точки во внатрешноста на школката. Тие се совпаѓаат со цртежот пронајден на ѕидовите во пештерата Марсулас во Пиринеи, каде што школката била пронајдена во 1931 година.
„Ова воспоставува силна врска помеѓу музиката свирена со школката и сликите на ѕидовите. Ова е првпат да имаме доказ за врската помеѓу музиката и пештерската уметност во Европа“, изјави Жил Тосело од Универзитетот во Тулуз.
Школката долга 31 и широка 18 сантиметри најверојатно припаѓала на вид на атлантски морски полжав. Кога била пронајдена, археолозите во прв момент мислеле дека е церемонијален сад за пиење. Со понови испитувања биле утврдени намерно направени модификации, што овозможуваат школката да произведува звук.
Археолозите ангажирале професионален музичар да ја тестира школката и тој успеал да извлече ноти блиску до Ц и Д.