ГРУПА ФИНЦИ СОЗДАДЕ ОГРОМЕН ГЕОМЕТРИСКИ ЦРТЕЖ ЧЕКОРЕЈЌИ ВО СНЕГОТ

Хелсинки, (Би-Би-Си)

Издлабена во снегот од илјадници чекори, огромна мрежа од геометриски шаблони се појави на голф терен во Финска, привлекувајќи глобално внимание. Спектакуларниот дизајн во финскиот град Еспо е дело на аматерскиот уметник Јане Пико, на кој му помагаа 11 волонтери.

Користејќи јажиња и чевли за снег, Пико и неговиот тим ја создале мрежата за две дена изминатиот викенд. Протегајќи се на 160 метри, се верува дека ова е најголемиот цртеж во снег досега направен во Скандинавија.

Претходно имам правено помали дизајни, но сакав да отидам на повисоко ниво и да направам нешто најсложено досега“, вели Пико.

Инспириран од британскиот уметник Сајмон Бек, познат по своите снежни цртежи, Пико вели дека сакал да направи нешто прекрасно во близина на својот дом. Дизајните ги осмислил и споил на компјутер дома и конечниот цртеж се состои од шест големи, но различни облици налик на снегулки, поврзани со ѕвезда во средина. Тој на Фејсбук пронашол волонтери кои му помогнале да го изработи делото, кое ќе остане видливо колку што ќе дозволат временските прилики.