Добра вест за Доналд Трамп: тој може да продолжи да живее во својот клуб Мар-а-Лаго во Палм Бич (Флорида), каде што се смести по напуштањето на Белата куќа.
На состанок на градскиот совет на Палм Бич минатата недела, адвокатот на бившиот претседател на САД појасни дека тој е вработен во клубот, што е во согласност со неколку децении стар договор дека никој не може да живее во Мар-а-Лаго доколку не работи тука. Трамп во меѓувреме ја поврати функцијата претседател на корпорацијата Мар-а-Лаго, што му овозможува постојано да остане во клубот.
Трамп го купи Мар-а-Лаго во 1985 за 10 милиони долари и оттогаш делумно ги поминуваше зимите тука. Откако замина од Белата куќа, Трамп се насели тука, што не им се допаднало на некои од соседите, кои тврдеа дека го крши договорот постигнат пред речиси 30 години, со кој имотот беше претворен во приватен клуб. Според договорот, никој не може да остане во гостинските соби повеќе од 21 ноќ годишно.
Откако стана претседател на САД, Трамп никогаш не ги препушти сопствеништвото и законската контрола врз своите имоти и бизниси, но се повлече од своите официјални позиции.