Американската амбасадорка Кејт Мари Брнз открива дека за да стане дипломатка се инспирирала од татко ѝ кој работел во дипломатската служба, дека тренирала фудбал и дека е страсна навивачка на американската женска фудбалска репрезентација, во серијата видео-одговори на прашањата од следбеници на Инстаграм профилот на амбасадата. Таа вели и дека е многу горда што во нејзиниот мандат се случило членството на Македонија во НАТО и оти верува дека членството во ЕУ е многу важно за регионот. Брнз, исто така, отворено кажува дека борбата против корупцијата пред сѐ е работа на сите граѓани, политичари, бизниси и невладини организации во земјава, а дека САД се тука за да помогнат со своето искуство и стручност.
Од амбасадата велат дека ја почнале сесијата прашања и одговори #ПрашајЈаАмбасадоркатаБрнз за да одговорат на секојдневните прашања и позитивни коментари што ги добиваат на профилот на Инстаграм.
„Неколку дена пред снимањето, пуштавме приказни на Инстаграм со кои ја повикувавме нашата публика да испрати прашања до амбасадорката Брнз. Ја инициравме сесијата за да допреме до помлада публика, нудејќи содржина со значење, што е автентична, разговорна, навремена и конзистентна“, велат од американската амбасада.
Во одговорите на разновидни прашања, амбасадорката Брнз открива дека во Македонија најмногу ја воодушевуваат луѓето и природните убавини, особено планините, бидејќи и таа и сопругот се страсни планинари и тоа им е најомилената активност во слободно време. Таа вели дека има слабост кон бурек, зелници и секакви пити со сирење и праз и дека највеќе сака црвено вино. Кажува и дека научиле да прават ајвар и оти си креирале свој бренд, што го делат на пријатели во САД. Таа вели дека сака да чита книги од кои нешто може да научи, а во последно време најмногу ѝ се допаднала и ја препорачува „Разговарање со непознати“ од американскиот автор и новинар Малколм Гладвел.