ВО СВЕТОТ ГОДИШНО СЕ ФРЛААТ 923 МИЛИОНИ ТОНИ ХРАНА

Њујорк, (Би-Би-Си)

Повеќе од 900 милиони тони храна се фрлаат секоја година, се вели во глобален извештај на Обединетите нации.

Според индексот за фрлање храна на Програмата за животна средина на ОН, 17% од храната што им е достапна на потрошувачите во домовите, рестораните и продавниците завршуваат директно во отпад. Околу 60% од тој отпад се создава дома.

„Глобалниот проблем е многу поголем отколку што претходно се проценуваше. 923 милиони тони храна што се фрлаат секоја година би можеле да наполнат 23 милиони 40-тонски камиони, доволни да ја обиколат Земјата седум пати“, вели Ричард Свонел од хуманитарната организација „Вреп“, која соработуваше со ОН на овој извештај.

Досега се веруваше дека овој проблем е исклучиво врзан за богатите земји, каде што луѓето купуваат повеќе одошто им е потребно, но извештајот го пронајде секаде каде што барал.

Свонел дава неколку препораки како може да се намали фрлањето храна:

  • Планирајте ги своите порции и купувајте вистинско количество намирници.
  • Спуштете ја температурата во фрижидерот под пет Целзиусови степени.
  • Подобро разберете ги ознаките за трајност на производите: „да се користи до“ се однесува на безбедноста на храна, а „најдобро е да се користи до“ се однесува на квалитетот. Во првиот случај, храната не треба да се јаде ако датумот е истечен, дури и ако изгледа и мириса добро.