Стотици планинари ќе се вратат на Монт Еверест следниот месец под строги услови, откако највисокиот врв на светот беше затворен пред една година поради пандемијата на коронавирусот.
Повеќе од 300 странски планинари ќе се обидат да се искачат на „покривот на светот“ на врвот на сезоната во почетокот на април, објавија туристичките власти на Непал. Рекордна бројка беше регистрирана во 2019, кога имало 381 пријавен планинар.
Осум од 14-те највисоки врвови на светот се наоѓаат целосно или делумно во Непал и илјадници странски планинари придонесуваат со милиони долари во државниот буџет годишно. Непал ги затвори своите планини минатиот март, а кинеската страна на Еверест ќе остане затворена и оваа сезона.
„Сите странски планинари мора да поминат една недела во карантин и да приложат потврда дека имале негативен тест за коронавирус“, изјави Мира Ачарја од министерството за туризам на Непал.