СЕВЕРНА КОРЕЈА НЕ Е ТАКА ИЗОЛИРАНА ЗЕМЈА, ИМА АМБАСАДА ВО 48 ДРЖАВИ

Лондон, (Би-Би-Си)

Северна Кореја често ја следи етикетата најизолирана земја на светот, но тоа не е баш точно.

Според анализата на Би-Би-Си, Северна Кореја во моментов има дипломатско претставништво во 50-ина земји низ целиот свет.

Од формирањето во 1948 година, таа воспоставила дипломатски односи со околу 160 држави, но никогаш со САД, Франција, Јужна Кореја и Јапонија, а денес има 55 амбасадори и конзули во 48 земји.

Покрај традиционалните партнери Кина и Русија, свои дипломатски мисии во Пјонгјанг денес имаат 25 држави, меѓу кои и Велика Британија, Германија и Шведска.

Во последно време, САД врши голем притисок врз државите да ги прекинат дипломатските односи со Северна Кореја, на што се одзваа Шпанија, Италија, Кувајт, Перу и Мексико, кои ги повлекоа своите амбасадори и дипломати, додека Португалија, Филипини и Обединети Арапски Емирати ги замрзнаа контактите.

Неколку африкански држави сѐ уште активно соработуваат со Северна Кореја на полето на инфраструктурата, енергетиката и земјоделството, додека со Венецуела, Куба и Лаос ги поврзува идеологијата.

Исто така, само шест од 35-те членки на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), која ги обединува најмоќните светски економии, имаат своја мисија во Пјонгјанг.

„Амбасадите сѐ уште играат главна улога во светската дипломатија, што значи дека дипломатските опции на Северна Кореја не се целосно исцрпени“, пишува Би-Би-Си.