ТЕРАКОТНИТЕ ИКОНИ ОД ВИНИЧКО КАЛЕ ИЗЛОЖЕНИ ВО НАЦИОНАЛНИОТ МУЗЕЈ НА СЛОВАЧКА

Братислава,(СМАРТ.СДК.МК)

На 3 септември, по повод одбележувањето на 35-годишнината од Денот на независноста, во Националниот музеј на Словачка во Братислава беше отворена изложбата „Теракотните икони од Виничкото Кале“.

Изложбата е организирана од македонската амбасада во Словачка, во соработка со Националниот музеј на Словачка, локалниот археолошки и историски музеј „Теракота“ од Виница и Архифакт – Скопје. На изложбата се претставени поголем број од теракотните икони од 5-ти и 6-ти век од нашата ера, а кои се откриени на Виничкото Кале, преку кои словачката публика има можност да се запознае со дел од нашето богатото културно и археолошко наследство.

На отворањето на изложбата присуствуваа истакнати гости од политичкиот, јавниот и културниот живот на Словачка, многубројни амбасадори и членови на дипломатскиот кор, археолози, музејски професионалци и членови на Македонската заедницата што живее во Словачка.

На отворањето говореше македонската амбасадорка во Словачка, д-р Евгенија Илиева, директорката на музејот „Теракота“ – Виница, Сара Даневска-Ивановски, како и генералната директорка на Националниот музеј на Словачка, д-р Виерослава Бернатова.

Изложбата во Националниот музеј на Словачка ќе биде отворена до 8 ноември.