„ДИЗНИ“ ИМ СТАВИ ПРЕДУПРЕДУВАЊЕ ЗА РАСИЗАМ НА АНИМИРАНИТЕ КЛАСИЦИ „ДАМБО“, „ПЕТАР ПАН“ И „КНИГА ЗА ЏУНГЛАТА“

Лос Анџелес, (Вараети)

Стриминг платформата „Дизни+“ ги отстрани класичните филмови „Книга за џунглата“, „Петар Пан“ и „Дамбо“ од содржините за децата до 12 години поради расистички стереотипи. Во октомври 2020, „Дизни“ исто така им додаде посебно предупредување на овие филмови, кое укажува дека во нив има негативни описи или некоректни третмани на луѓе или култури.

„Овие стереотипи биле погрешни тогаш и денес се погрешни. Место целосно да ги отстраниме овие содржини, сакаме гледачите да бидат свесни за нивното штетно влијание и да поттикнеме разговор, со цел заедно да креираме поинклузивна иднина“, стои во предупредувањето.

„Дизни“ дури наведе некои од спорните сцени во овие филмови, па така во верзијата на „Дамбо“ од 1941 година враните зборуваат со црнечки акцент, а бели изведувачи имаат црни бојосани лица и ги исмеваат африканските робови на плантажите. Во „Петар Пан“ од 1953 година домородните луѓе се нарекуваат црвенокошци.

Ева Фирст, која ги води работилниците „Свест за расизмот“ на европските универзитети, вели дека напишаното има смисла.

„‘Покахонтас‘ е добар пример, бидејќи колонизацијата ја претставува како нешто негативно, додека во најновиот филм ‘Раја и последниот змеј‘ сите актери и актерки се соодветно избрани. ‘Дизни‘ поседува голем број медиумски франшизи, што му дава и голема моќ“, вели Фирст.