Холивудската дива Шерон Стоун откри дека при операција ѝ биле зголемени градите без нејзина согласност.
Во својата нова книга „The Beauty of Living Twice“, 63-годишната Стоун вели дека во 2001 била оперирана за да ѝ се отстранат бенигни тумори, а кога се разбудила, дознала дека хирургот ѝ ги зголемил градите, зашто сметал дека „би изгледала подобро со поголеми, подобри гради“.
„Ми кажа дека сега имам гради кои подобро одговараат на големината на моите колкови. Тој ми го измени телото без мое знаење или согласност“, напиша Стоун.
Ова е само една од непријатните животни епизоди што Стоун ги откри во мемоарите. Таа тврди и дека заедно со сестра ѝ Кели биле сексуално злоставувани од нивниот дедо.
„Двете нѐ заклучуваше во соба со него на некое време. Имав 14, а Кели 11 години кога почина и тогаш сфативме дека е готово“, вели Стоун.