ИСМАНЕ МЕХДИ ИЗЛОЖУВА 20 НОВИ ДЕЛА ВО КИЦ

Скопје, (СМАРТ СДК.МК)

Над 20 дела на уметницата Исмане Мехди од вечерва ќе бидат изложени во салонот Империјал 2 при Културно-информативниот центар во Скопје. Изложбата, што се отвора во 18 часот, е насловена „Симфонија на боите на универзумот“ и содржи дела создадени од 2018 до 2021.

Мехди (31) е родена во Гостивар. Дипломирала на Факултетот за ликовна уметност при Државниот универзитет во Тетово, оддел сликарство, во класата на проф. Решат Амети. Работи како професор по ликовна уметност во училиштето „Исмаил Ќемали“ во Гостивар.

„Исмане спаѓа во групата на млади уметници кои со голем ентузијазам трагаат по своите креации, учествувајќи на многу ликовни колонии, групни изложби и самостојни изложби во земјата и надвор“, вели историчарот на уметност Бехиџудин Шехапи.

Тој додава дека таа се претставува со дела создадени со нејзиниот типичен експресионизам, понекогаш апстрактен, понекогаш реален, а многупати и емотивен.