Министерката за здравство на Гибралтар, Саманта Сакраменто, сѐ уште се навикнува на новата нормалност на островот. Носењето маска веќе не е задолжително, освен во јавен превоз.
„Имаш чувство како да си заборавил нешто или дека правиш нешто погрешно. Психолошки, ќе ни треба време да се вратиме“, вели Сакраменто.
Полициски час е укинат, а рестораните и баровите смеат да работат до два часот после полноќ, како што беше пред да почне ширењето на коронавирусот.
Гибралтар, британска прекуморска територија сместена на најјужната точка на Шпанија, е првото место во Европа кое се врати во претпандемиската нормалност. Според Сакраменто, ова се должи на добро организираната вакцинација. Речиси сите 34.000 жители се вакцинирани, како и 10.000 луѓе кои редовно доаѓаат од Шпанија на работа.
Ковид-19 однесе 94 животи на Гибралтар, а сега веќе нема пациенти со оваа болест во тамошната болница.
„Веќе неколку дена не е регистриран нов случај на зараза. Тоа е неверојатно добар знак“, вели Сакраменто.
Во соседниот шпански регион Андалузија, сликата е сосема спротивна. Бројот на заразени повторно расте, а болниците одново се полнат.
„Среќна сум за луѓето на Гибралтар, но и малку љубоморна на нивната слобода“, вели 63-годишната Лурдес Гамис од Гранада.
Во Гибралтар се одржа и прв јавен настан, боксерски меч, на кој присуствуваа 500 целосно вакцинирани луѓе. И покрај сѐ, властите велат дека не го спуштаат гардот и ќе ја проценуваат состојбата од недела во недела.