Франција планира да ги забрани кратките домашни авионски линии ако постои алтернатива да се патува со воз, со цел да се намалат штетните емисии. Пратениците викендов изгласаа нацрт-закон со кој треба да се укинат релациите каде што истото патување може да се направи со воз за помалку од два и пол часа. Ова нема да ги погоди поврзаните летови.
Планираните мерки треба да поминат и во Сенатот пред да станат закон. Тој би ги погодил летовите од Париз до други француски градови, како Лион, Нант и Бордо.
Француските активисти ја притискаат владата да донесе уште построг закон, барајќи да се забранат сите домашни авионски летови кои можат да се заменат со патување со воз до четири часа.
Минатата година, и Австрија воведе слична мерка, со која ги укина летовите од Виена до Салцбург, заменувајќи ги со почести возови.