Само 3% од светското земјиште останува еколошки недопрено, со здрава популација на сите свои оригинални животни и ненарушени живеалишта, покажа ново истражување.
Овие делчиња на дивината недопрени од човечките активности се наоѓаат во тропските шуми на Амазонија и Конго, источен Сибир, Сахара и во северноканадските шуми и тундра. Инвазивните видови како мачки, зајаци, лисици и кози имале големо влијание врз домородните видови во Австралија, каде што не биле пронајдени недопрени области.
Најзачуваните области се идентификувани на територии со кои управуваат домородни заедници, а во истражувањето не бил вклучен Антарктик.
Претходните анализи главно се базираа на сателитски снимки и според нив, 20-40% од Земјината површина се под мало влијание на човекот. Сепак, научниците велат дека шумите, саваните и тундрите можат да изгледаат недопрено од високо, но долу, клучните видови недостигаат.
Општо е прифатено дека светот се наоѓа во криза на биодиверзитетот, при што се намалува или исчезнува популацијата на голем број живи видови, од слонови до инсекти. Некои научници дури веруваат дека на Земјата веќе се случува шестото масовно изумирање на животот.
„Можно е да се зголемат еколошки недопрените области на 20% преку наменско повторно воведување на одредени видови во некои области. Ова успешно е направено во националниот парк Јелоустоун, каде што повторно биле населени волци, што го трансформирало екосистемот“, вели Ендрју Пламптри, главниот автор на студијата.