ВО ИНДИЈА СЕ ЗБОРУВА НА 780 ЈАЗИЦИ, А ПРЕД 55 ГОДИНИ ГИ ИМАЛО 1.652

Њу Делхи, (Би-Би-Си)

Кога поранешниот професор по англиски Ганеш Деви тргнал во потрага по јазици во Индија, очекувал да пронајде гробишта полни со мртви или речиси исчезнати јазици. Место тоа, тој вели дека влегол во густа шума од гласови во една од најнаселените земји на светот.

Тој открил дека дури 16 јазици се зборуваат само во хималајската област Химачал Прадеш, каде што имаат 200 различни зборови за снег.

Во десетина села на западниот брег на Махараштра, блиску до Бомбај, открил луѓе кои зборувале некоја застарена верзија на португалски. Некои жители во источниот архипелаг Андаман и Никобар зборувале на карен, што е етнички јазик во Мјанмар, а во Гуџарат имало Индијци кои зборуваат на јапонски. Дури и номадите кои живеат на сообраќајниците во Њу Делхи имале свој „таен“ јазик.

Во Индија, весниците се печатат на 35 јазици (Фото: Гети)

Ганеш дознал дека Индијците зборувале околу 125 странски јазици како свој мајчин јазик.

Во 2011 година, Државниот институт за лингвистика евидентирал постоење на 780 јазици, дури 872 помалку од она што го избројала владата во 1961 година.

Индија има изгубено стотици јазици поради намалување на бројот на луѓе кои зборуваат одреден јазик, недоволно изучување на локалните јазици во училиштата и иселувањето на племиња од нивните родни села.

Тажен сум секој пат кога ќе умре некој јазик. Исчезнувањето на еден јазик е секогаш трагедија, бидејќи со него изумираат приказни, игри, музика и народни поговорки. Ние живееме во вистинска лингвистичка демократија и затоа мора да си ги чуваме јазиците“, вели Деви.

  • На пописот во 1961 година биле избројани 1.652 јазици во Индија.
  • 197 јазици денес се водат како загрозени, од кои 42 критично, според УНЕСКО.
  • Во Индија весниците се печатат на 35 јазици.
  • Државното радио „Ол Индија радио“ емитува програма на 120 јазици.
  • Само 4% од јазиците се застапени во индискиот парламент.
  • Хинди е најкористениот јазик во Индија и го зборува 40% од населението. Потоа следуваат бенгалски (8%), телугу (7,1%), марати (6,9%) и тамилски (5,9%).