ТРАМП СЕ ВРАТИ НА СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ СО САЈТ ВО ВИД НА БЛОГ

Њујорк, (Би-Би-Си)

Доналд Трамп лансираше нов „комуникациски“ сајт, кој вели дека ќе објавува содржини директно од бирото на бившиот американски претседател.

Трамп беше суспендиран од сите дигитални платформи, вклучувајќи ги и Твитер, Фејсбук и Јутјуб, по упадот на неговите приврзаници во Конгресот во јануари и оттогаш објавуваше изјави во вид на прес-соопштенија, кои сега ќе можат да се најдат на новиот сајт. Корисниците ќе можат да ги лајкуваат објавите и да ги споделуваат на своите профили на Фејсбук и Твитер.

„Ова е блог. Не знам какви се неговите пошироки планови, но ова е почетокот на неговите обиди да воспостави погласно присуство на социјалните мрежи“, изјави Кара Свишер, колумнист за технологија во „Њујорк тајмс“.

Советникот на Трамп, Џејсон Милер, неодамна откри дека тој наскоро ќе лансира нова социјална мрежа, која „ќе биде нешто големо“. Милер сега појасни дека овој сајт не е тоа што беше најавувано.