Со 40% врнежливи денови во годината, Гетеборг е еден од највлажните градови во Европа и излезе со храбар план да го искористи тоа на најдобар и најзабавен начин.
Така едно детско игралиште е специјално дизајнирано да биде забавно кога врне: има дупки што ги прават баричките подлабоки и поинтересни за прскање, а водата низ каналите се слева во песок, каде што децата можат да прават базени, рекички и брани.
Ова игралиште е дел од проектот „Дождот на Гетеборг“, кој има за цел да го направи „најдобар град на светот кога врне“.
„Туристичките агенции често сакаат да ја продадат сликата на сончев Гетеборг, иако тука врне 40% од времето. Нашата цел е дождот да го направиме предност на градот“, вели Јенс Томс Иварсон, уметник и дизајнер, ангажиран пред три години да го развие проектот.
Со негова помош, Гетеборг веќе доби две дождливи детски игралишта и неколку уметнички проекти, вклучувајќи траги од поларна мечка насликани по целиот плоштад Есперантоплатсен, кои се гледаат само кога врне. Тој се обидува да ја протне идејата во секој дел од градското планирање, од нови училишта до станбени згради.
Градот дури распиша конкурс за „најдобро училиште на светот кога врне“ и на победничкиот дизајн водата од покривот ќе се слева во базени, потоа во река или канал што поминува низ училишниот двор, па низ глацијална област, пред да се изгуби во природно мочуриште.
„Училишниот двор природно ќе се менува кога времето ќе биде различно“, вели Ана Ролф, една од архитектките која работеше на проектот.
Проектот „Дождот на Гетеборг“ беше лансиран по повод 400-годишнината од основањето на градот од кралот Густав Втори Адолф.
Норвешки Берген е најврнежливиот град во Европа, каде што во просек врне 256 дена во годината.