Кросовер артистката Андријана Арлен, велешанка која живее и работи во Шведска, ја најави есенската концертна турнеја „Сребрена ноќ“ (Silver Night) низ Македонија.
Турнејата ќе опфати неколку градови. Првиот концерт ќе се одржи во нејзиниот роден Велес на 31 октомври, па следуваат Струмица на 7 ноември и Битола на 12 ноември, а турнејата ќе заврши во Скопје, за каде засега не се соопштени датумот и локацијата на концертот.
Арлен ја покани публиката да доживее концертна магија во која се спојуваат пијано, визуелна уметност и современ звук. Таа настапува со кросовер преработки на познати класични дела.

„Комбинација од класичен репертоар и визуелни ефекти за незаборавна вечер. Музика што инспирира емоции. Секој настап носи нова приказна, спојувајќи ги класиката и современоста. Премиум концертно доживување, уникатна атмосфера, врвна акустика и сценографија инспирирана од модата“, објави Арлен на својата веб-страница.
На концертите се најавени и гости, а турнејата ќе биде можност публиката во Македонија за првпат во живо да ја слушне уметницата која со години ја гради својата кариера надвор од земјата. Арлен досега има издадено четири албуми, а во подготовка е и петтиот, кој ќе биде составен од авторска музика.
П. ПЕЧКОВ
(Фото: Официјална интернет страница на Арлен)