КРАЛОТ НА РОМСКАТА МУЗИКА ШАБАН БАЈРАМОВИЌ ЌЕ БИДЕ ВКЛУЧЕН ВО ПРЕСТИЖЕН МУЗЕЈ НА БЛУЗОТ ВО САД

Белград, (Н1)

Легендарниот српски пејач и крал на ромската музика Шабан Бајрамовиќ ќе биде вклучен во музејот Делта блуз во Кларксдејл во Мисисипи, една од најпознатите американски установи посветени на џезот и блузот. Бајрамовиќ, кој почина во 2008 година, е првиот Србин и Ром кој ќе добие своја поставка во овој музеј, велат од џез фестивалот Нишвил во Ниш.

Музејот Делта блуз го негува наследството на најпознатите блуз музичари од САД, особено оние од делтата на реката Мисисипи, кои извршија огромно влијание врз светската музичка сцена со своите најразлични стилови. Желба да организира поставка во чест на Бајрамовиќ пројавил и прославениот Музеј на џезот во Њу Орлеанс.

Бајрамовиќ е роден во Ниш и во текот на светската кариера објавил 20 албуми и 50-ина синглови. Магазинот „Тајм“ го прогласи за еден од десеттемина најголеми блуз пејачи.