Организаторот на Тур де Франс, Кристијан Прудом, потврди дека и жените ќе ја возат најпрестижната велосипедистичка трка на светот од следната година. Маршрутата и должината на трката засега не се познати и се очекува деталите да бидат објавени во октомври.
„Таа ќе се одржи следната година, тоа е сигурно. Ќе се случеше и оваа година да не беше пандемијата, а и Олимписките игри во Токио се веднаш после машката трка, па најдобрите возачи можеби немаше да бидат достапни. Но, одлуката е донесена, жените ќе го возат Тур де Франс во 2022, веднаш после машката трка“, изјави Прудом.
Тоа ќе биде обновување на женското издание на Тур де Франс по 33 години, имајќи предвид дека се возеше од 1984 до 1989.
„Сакаме да креираме настан што ќе опстане 100 години. Тоа првенствено значи дека не треба да губи пари. Денес, сите женски трки што се организираат губат пари“, вели Прудом.