Властите на Париз претставија амбициозен план за драстично намалување на сообраќајот во центарот на градот до 2022 година. Според шемата, сообраќајот целосно ќе биде забранет во четири централни области, а приоритет ќе им се даде на пешаците, велосипедистите и јавниот превоз.
„Зоните со намален сообраќај ќе резултираат со помалку загаден, позелен, помирен и побезбеден град“, кажаа од градскиот совет.
За време на пандемијата, Париз инсталираше стотици километри велосипедски патеки.
Градоначалничката Ан Идалго освои нов мандат минатата година благодарение на платформата за „15-минутен град“, која предвидува жителите за 15 минути од дома да можат да стигнат до продавниците, училиштата и основните услуги пешки или со велосипед.
Според новиот план, жителите и вработените ќе смеат да возат во централната област, но ќе биде забранет транзитниот сообраќај. Градските власти велат дека планот ги следи позитивните примери од Мадрид, Рим и Нант, кои исто така претворија некои области во пешачки зони.