ОСТРОВ ВО ЕСТОНИЈА Е ПОСЛЕДНИОТ МАТРИЈАРХАТ ВО ЕВРОПА

Талин, (Би-Би-Си)

Изолиран остров во Балтичкото Море го има статусот на последен матријархат во Европа, зашто тамошната заедница првенствено се потпира на силата и отпорноста на жените. Тоа е Кихну, познат и како Остров на Жените, кој се наоѓа покрај западниот брег на Естонија.

Чувари на култура толку богата што се најде на листата на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, жените на Кихну ги балансираат дневните активности, како земјоделство и одгледување деца, со наследената обврска да ги одржуваат древните традиции. Во местото каде што мажите низ историјата постојано биле отсутни, поради работа на море или во странство, улогата на жените на Кихну се проширила над традиционалните родови поделби и во сите сфери од животот. Тие се чувари на песната, танцот, традиционалното плетење и на рачните изработки, но и се главни спроводнички на ритуали како венчавки и погреби.

Ова е приказна за минатото, која е важна за иднината. Ова е нешто што морав да го овековечам и да го ставам во книга“, вели норвешката фотографка Ане Хелене Гјелстад, која објави книга за островот насловена „Големо срце, силни раце“.

Портретите и приказните на Гјелстад ги доловуваат не само светло обоените ткаенини и везената облека на жените од Кихну, туку и нивната способност да прават сè што треба, од поправање мотор до сточарство.

И покрај грубото време и 50 години советска власт, овие матријархални традиции опстанале, но како што помладите генерации бараат нови можности, така се загрозува и оваа уникатна култура, а популацијата станува сè постара.

Фото: Ане Хелене Гјелстад