СУПЕРМЕСЕЧИНАТА ВЕЧЕРВА ЌЕ СЕ СОВПАДНЕ СО ЦЕЛОСНОТО ПОМРАЧУВАЊЕ, НО НЕМА ДА БИДЕ ВИДЛИВО ОД МАКЕДОНИЈА

Лос Анџелес, (Гардијан)

Првото целосно помрачување на Месечината по повеќе од две години вечерва ќе се совпадне со супермесечина, но овој небесен феномен нема да може да се види од Македонија. Најдобар поглед на помрачувањето ќе има низ Пацификот, а ќе биде видливо и од западната половина на Северна Америка, дното на Јужна Америка и од источна Азија. Иако целото шоу ќе трае пет часа, целосното помрачување ќе може да се набљудува само 14 минути.

„Хаваи ќе биде најдоброто место за набљудување на помрачувањето, па следуваат Калифорнија и пацифичкиот северозапад. Одличен поглед ќе имаат и Австралија и Нов Зеланд“, изјави Ноа Питро од НАСА.

Ова ќе биде втора и последна супермесечина за оваа година. Месечината ќе биде на околу 360.000 километри од Земјата, најблиску оваа година и во комбинација со тоа што ќе биде полна, ќе изгледа поголемо и посјајно на небото.

Следното целосно помрачување на Месечината ќе се случи во мај 2022, додека последното беше во јануари 2019.